Врз основа на член 22, став 1, точка 5 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Р.М.” бр.5/2002), и точка 8.2 од Програмата за култура на Општина Центар – Скопје (Службен гласник на Општина Центар – Скопје бр.25/19) и одлуката за објавување на конкурс за избор на проекти од областа на културата (Службен гласник на Општина Центар – Скопје бр.10/2020), Општина Центар – Скопје распишува
КОНКУРС
За финансирање на проекти од областа на сценската уметност
ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
Во функција на подршка, промоција, афирмација и унапредување на креативните можности и изразување на македонската културна сцена, Општина Центар зема обврска за финансиска подршка на проекти од областа на сценската уметност, во согласност со Стратегијата за култура на Општина Центар – Скопје 2017 – 2022 година.
УСЛОВИ ЗА КОНКУРИРАЊЕ
Проектот треба да содржи минимум три од следните услови за да биде разгледуван од страна на комисијата:
Да е нов, иновативен во полето на културата;
Да овозможува достапност и пристап на културата до граѓаните;
Да вклучува активности за различни старосни групи;
Да ги афирмира младите професионалци во полето на современите културни практики;
Да вклучува креативни работилници за деца и млади;
Да промовира нови, иновативни изрази во културата.
ПРАВО НА УЧЕСТВО
На Конкурсот може да учестуваат:
Здруженија на граѓани и друг вид на регистрирани организации во полето на културата, кои професионално ја извршуваат дејноста во полето на културата, со регистрирани седишта во Општина Центар – Скопје или чии дејности се одвиваат на територија на Општина Центар – Скопје;
Пријавените здруженија на граѓани и организации да имаат најмалку една година работно искуство во полето на културата.
КРИТЕРИУМИ ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА КВАЛИТЕТОТ НА ПРОЕКТОТ
Проектот да содржи најмалку три од наведените услови за конкурирање;
Да има стручни кадри кои ќе бидат вклучени во проектот;
Да има добро формулирани цели и ефекти од имплементацијата на проектот;
Да содржи план за вклученост на заедницата во реализација на проектот;
Да работи на афирмирање и анимирање на нови културни простори во општината.
КОМИСИЈА ЗА ЕВАЛУАЦИЈА
Проектите ќе се евалуираат од стручна комисија формирана од Советот на Општина Центар – Скопје.
НАЧИН И РОК НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ
Пријавувањето на проектите се врши со доставување на пополнета пријава. Пријавите од овој конкурс ќе бидат објавени на интернет страницата на Општина Центар – Скопје (www.opstinacentar.gov.mk ) на денот на неговото објавување.
Пријавите треба да се доставават до Општина Центар – Скопје на адреса: ул. Михаил Цоков бр.1, 1000 Скопје или со нивно предавање во архивата на Општината најдоцна до 15 часот на последниот ден од конкурсот.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ
– Пополнета пријава,
– портфолио на организацијата,
– биографии на лицата вклучени во проектот,
– правна потврда за регистрација и работа на организацијата/ ујп образец, или ДДР образец каде се гледа регистрирана дејност и
– потврда за обезбеден простор каде ќе се изведуваат проектите (договор).
ПОСТАПКА ВО ВРСКА СО КОНКУРСОТ
Нема да бидат разгледувани следниве пријави: Пријави што се доставени по истекот на конкурсот, пополнети на несоодветен образец и нецелосно пополнети пријави.
Материјалите доставени со пријавите на конкурсот не се враќаат.
Конкурсот ќе трае 15 дена од денот на објавувањето, а ќе биде објавен на интернет страната на Општина Центар – Скопје (www.opstinacentar.gov.mk).
За резултатите од конкурсот, учесниците ќе бидат писмено известени.
Проектите поддржани од овој конкурс ќе бидат составен дел од Годишната програма за култура на Општина Центар – Скопје за 2020 година.
Износот на финансиската подршка на избраниот проект ќе биде одреден согласно големината и квалитетот на проектот, а во рамките на предвидените средства во Програмата за култура и Буџетот на општината.
Општина Центар – Скопје ќе склучи договор за финансирање со субјектот чиј проект ќе биде избран на овој јавен повик.
Дополнителни информации може да се добијат на тел.078/343713 кај одговорниот службеник.