Активности|

Општина Центар во салата на Советот ги одржа двете јавни презентации на предлог Деталниот урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1.

Почитувајќи ги здравствените препораки од надлежните институции, пред заинтересираните граѓани, раководителот на Одделението за урбанистичко планирање, планерот и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, ги презентираа придобивките од предлог ДУП-от, кој е далеку поквалитетен од постојниот.

“Планот за ДУП-от Мал Ринг што денеска го презентираме не го правиме за да протуркаме нешто, туку да отстрануваме дел по дел од проектот ‘Скопје 2014’. Мора да одиме чекор по чекор“, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на јавната презентација за предложениот ДУП, што се одржа во општината.

Богдановиќ изјави дека на планот се работи повеќе од една година, а сите работи што се преземени, се направени точно и прецизно, без да се направи каква било штета.

“Во сите постапки клучна работа беше да го вратиме во управување државното неизградено земјиште особено за делот во Малиот ринг, односно поврзано со т.н. проект ’Скопје 2014‘. Во изминатиот период се изнаслушав дека сакаме да легализираме делови од ’Скопје 2014‘. Со новиот предлог план се прави спротивното, почнува да се стопира и да се брише се она што било зацртано во тогашниот проект Скопје ’2014‘“, појасни градоначалникот Богдановиќ.

Овој ДУП, како и другите 31 Детални урбанистички планови, содржани во донесените одлуки за неспроведување на планови, односно „мораториумот на градби“, со цел да се испитаат и да се донесат нови квалитетни ДУП-ови, ќе бидат во интерес на граѓаните и во согласност со Генералниот урбанистички план.

Во име на транспарентноста и отченостна на работата на општината пред граѓаните, јавната анкета, наместо законскиот максимум, трае повеќе од предвидениот рок. Тоа е доволен период граѓаните и стручната јавност внимателно да го разгледаат и да ги достават своите сугестии и предлози.

„Јас како градоначалник, со поддршка на советниците, досега направив многу за отстранување на правните пречки за да не дојде до легализација на криминалниот проект ‘Скопје 2014’. Во ревидираниот план, освен што се снимени во ажурираната подлога, во планираната состојба веќе ги нема сплавовите во Вардар, фонтана со споменик, скулптурите, кои не требало да се појават во урбанистички план, особено не да се оформуваат посебни градежни парцели за нив. Според тоа, трите неизградени сплавови нема да може да се изградат, како и голем број на споменици претходно планирани, а нереализирани со овој план исто така, нема да се изградат. Отстранети се скалите од објектот ‘Шпански скали’, кои ќе зафатеа голем дел од плоштадот, а градежната парцела каде што е објектот засега останува во предлог ДУП-от, каде што се преземени дејствија во ОЈО и покренати се обвиненија“, рече градоначалникот Богдановиќ на јавната презентација на ДУП-от.

Општина Центар го поништи одобрението за катната гаража зад зградата на „Телеком“. Во предлог планот отстранети се вкупно 15 сендвичари-киосци во барок стил, а не е планирано „Газебото“ (ротондата) пред објектот на МЕПСО. Она што е многу важно е тоа дека е тргната обврската од претходните планови за сите нови објекти и реконструкција на постоечките фасади да бидат во барок и класицизам.

Со новиот ДУП, задолжително ќе биде 20% зеленило во секоја парцела во новите парцели и задолжително паркирање за возила и велосипеди во сопствени парцели.

„Против криминалот се бориме со легални правни средства. До ОЈО поднесов 27 кривични пријави. Во Центар сврте бројчаникот, вративме 30 милиони денари, пари на граѓаните од мостот ‘Око’. Сакам да нагласам дека Општина Центар, откако сум јас градоначалник, досега не преземала никакви дејствија со кои се нанесува штета на општината или на државата. Ние само лошиот ДУП го менуваме со подобар и поквалитетен“, додаде Богдановиќ.

Во неколку дела од планот наместо објекти за домување на државно земјиште ќе има објекти  јавен интерес од културата и државни институции.

Земјиштето на кое претходно биле планирани споменици, фонтани сега ќе бидат зелени површини (улица Македонија, Пошта, земјиштето до хотел Ибис, катна гаража кај МЕПСО).

Во овој предлог план предвидено е целото строго централно подрачје да стане пешачка зона со режимски сообраќај, освен улицата Димитрие Чуповски, бидејќи по неа е предвидено да поминува БРТ. Во предлог планот видно е доминантна пешачка зона низ целиот опфат.

Сите јавни објекти Пошта, Дом на АРМ, зградата на ЕВН, МЕПСО, катните гаражи и други, се планирани како објект парцели, а просторот околу нив се јавни пешачки површини.

„Реагирав најмногу на дописот од претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, која што во себе содржи голем дел дезинформации, понижувајќи го дигнитетот на Општина Центар, градоначалникот, вработените и советниците. Мислам дека посериозно треба да се сфатат изјавите, особено кога се напишани, а претставниците не се присутни на денешната јавна презентација. Под „мораториум“, на кој што и потпишаниот на овој акт се повикува, всушност не е тоа акт кој што самоиницијативно го направи Општина Центар, туку тоа е законска одредба, дефинирана со ГУП-от на Град Скопје и важи до 2022-ра година. Тоа е обврска дефинирана во планските одредби, со член 38 став 6, во кои сите планови мора да бидат согласни со параметрите на Генералниот урбанистички план. Тоа е најважно и заради кои ние како Општина Центар ги носиме и ревидираме постојните и актуелните Детални урбанистички планови“, посочи претседателката на Советот на Општина Центар, Цветанка Симоновска.

И покрај јавно искажаните ставови во медиумите, на денешната јавна расправа не дојдоа дел од советниците, како и претставници од Асоцијација на архитекти. Градоначалникот Богдановиќ јавно ги покани да дојдат на презентацијата за да ги соочат ставовите и предлозите за да се добие најквалитетно решение на центарци.

Општина Центар , како што истакна градоначалникот Богдановиќ, најодговорно се однесува со овој ДУП, бидејќи е срцето на општината и на главниот град. Посочените работи се само дел од активностите што се преземени, а за останатиот дел општината ќе даде коментар кога ќе завршат одредени предистражни дејствија, сѐ со цел да не се влијае врз судските и предистражните процеси.

Градоначалникот Богдановиќ укажа дека со новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, кој што туку стапи на сила, има можност за суспензија на плановите од само шест месеци, односно во услови кога не е ниту дефинирана методологијата. Тоа, значи дека може да се случи да остане стариот план, ако во тој рок не се донесат планираните измени.

Затоа, нагласи градоначалникот Богдановиќ, е неопходна координирана работа на надлежните институции: Министерство за транспорт и врски, Град Скопје, Министерство за култура, но пред сѐ, на Основното јавно обвинителство, за да се преземат неопходните мерки за носење на најквалитетно урбанистичко решение, кое ќе биде во согласност со Генералниот урбанистички план и во интерес на граѓаните на Општина Центар.

Comments are closed.

Close Search Window