Активности|

На јавната презентација во Сала на Совет на Општина Центар денес (30.07.2020) со почеток од 10 часот беше презентиран Предлог Детален урбанистички план Градска четврт Ц 06 Стара Железничка станица, Општина Центар, Скопје.

Во салата на Советот на Општина Центар, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со вработените од Секторот за урбанистичко планирање и планерите, на јавна презентација го презентираа предлог Деталниот урбанистички план Градска четврт Ц 06 – Стара железничка станица.

На јавната презентација присутни беа претставници од надлежните институции и комунални претпријатија (ЈП Водовод и канализација – Скопје и Снабдување со топлина БЕГ ДООЕЛ), претставници од сите правни субјекти кои функционираат во овој дел од Центар и засегнатите жители кои живеат на таа локација.

Овој план, слично и на останатите се изработува со цел усогласување со Генералниот урбанистички план на Град Скопје од 2012 година.
Најголемите усогласувања се направени во однос на новата регулација од ГУП-от, последователно усвоените проекти за инфраструктура, како и преземање на доминантната група на класа на намени Б (комерцијални и деловни намени) од ГУП-от.

Најголемата промена во однос на претходниот ДУП од 2011-та за оваа четврт е направена кај градежната парцела 1.15, за која површина во претходниот ДУП и ГУП е предвидено зеленило.
Од групата на класа на намени Б (комерцијални и деловни објекти), предвидена со ГУП за оваа четврт. Како најсоодветна за жителите на западниот дел од четвртта е избрана класата на намени Б2-големи трговски единици зашто овозможува А2 – домување во станбени згради, како компатибилна намена до 40% од објектот и со тоа решавање на станбеното прашање на луѓето во рамки на идниот развој на четвртта.

Сите останите објекти се задржуваат во површините и обемот предвидени со претходната планска документација, зашто истите се предмет на договорни обврски.

За културното наследство (Старата Железничка станица) во опфатот на овој ДУП изработени се нови Заштитно – конзерваторски основи кои се одобрени со решение од Управата за заштита на културно наследство во 2019-та година и истите се вградени во планот.

Иако ГУП 2012-2022 предвидува 0 хектари и 0% зеленило, сепак, во опфатот се задржува постојниот парк на југо-источниот крај и други помали зелени површини со вкупна површина од 1 хектар или 8.33% од опфатот.

Доколку граѓаните сакаат дигитално да пополнат, анкетниот лист е достапен во електронска форма на веб-страницата на Општина Центар на следниот линк: https://www.centar.gov.mk/?page_id=6742#JA01)
На веб-страницата се објавени и синтезниот (графичкиот) и текстуалниот дел од планот во дигитален формат. Планот исто така ќе биде изложен во читалната „Славко Јаневски“, секој ден од 8:00 до 16:00 часот, заклучно со 14.8.2020.

Comments are closed.

Close Search Window