Општина Центар во соработка со Министерствотo за економија и во согласност со Програмата за развој на туризмот за 2020 година, го започнаа проектот за конзервација и реставрација на излозите и рекламите на 18 дуќани во Старата скопска чаршија.
Излозите и рекламите на дуќаните во голем број се дотраени и уништени, а дел од нив го нарушуваат автентичниот лик на Стара скопска чаршија, која со закон е прогласена како културно наследство од особено значење за Република Северна Македонија.
Со овој проект и „Програмата за развој на туризмот во 2020“ година се овозможува реставрација и конзервација на излозите и рекламите, кои имаат цел да ја задржат автентичноста на скопската чаршија, но и промоција на истата како атрактивна туристичка дестинација за државата, особено за странските туристи.
Врз основа на конзерваторските услови изработен е основен проект за конзервација и реставрација на излозите на дуќаните во Старата скопска чаршија за секој објект поединечно. Запазени се сите процедури и сите работи предвидени со проектот, описи и количини, кои ќе бидат во согласност со важечките технички нормативи на занаетот и со употреба на градежен материјал и приложување на сертификати за истите.
„Соработката на локалната и централната власт е од особено значење за поддршка на проекти кои имаат цел да го унапредат економскиот развој во нашата држава. Ние како Општина Центар, со овие субвенции од страна на Министерството за економија, овозможуваме реставрација на Старата скопска чаршија, задржувајќи ја нејзината автентичност, како атрактивна туристичка локација за нашите граѓани и странските туристи“ – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Вкупниот износ на проектот изнесува 3.300.000,00, со педесет проценти финансиска вклученост на Министерството за економија. Овој проект е одобрен од НУ Конзерваторски Центар – Скопје и Управата за заштита на културно наследство.