На денешната прес – конференција, градоначалниците на Општина Центар и Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, како и претседателот на Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина – Гоу Грин Скопје, Антонио Јовановски го најавија започнувањето на проектот “Еко иновативни зони за почист воздух”. Проектот предвидува партерно уредување на зелена зона на улицата „Васил Главинов“ на Сквер Јадран, со ново концептуално зеленило и поставување нови паметни клупи.
За првпат на територијата на цела држава, во Општина Центар ќе бидат поставени паметни клупи на јавна површина.
„Потребата за еден ваков проект беше неопходна за центарци, но и за сите граѓани на територијата на Град Скопје. Потребна ни беше нова стратегија која ќе се базира на основните еколошки и социјални принципи за одржлив развој на нашиот град. Поставувањето на трите паметни клупи се важен дел од аспект на одржлива урбана опрема која ќе овозможи услуга во секојдневието на минувачите, како и неверојатни погодности за граѓаните. Новите паметни клупи ќе обезбедат бесплатен интернет, сензор за квалитет на воздухот и полнење на мобилни уреди од соларна енергија. Секој граѓанин, преку користење на мобилна апликација ќе може да ги користи придовките од паметната клупа, посебно во делот за мерење на индексот на загадениот воздух во Скопје“, рече градоначалникот Саша Богдановиќ.
Здржението Гоу Грин преку овие паметни клупи според Меморандум потпишан со Општина Центар ќе прибира средства за одржување на еко зоните и проширување на нивната содржина во иднина.
Главниот концепт е поставување зелена зона, како континуирана лента на зелен појас во централното градско подрачје од двете страни на профилот на улицата “Васил Главинов” со широчина од 120 см. Во рамки на оваа зона, предвидено е садење на нов дрворед од 20 дрва од типот Prunus serrulata Kanzam [Јапонски цреши], како и континуирано ниско зеленило во долната зона со зелени грмушки од [Ligustrum taxanum] и [Abelia Kaleidoscope] и Перени од типот [Hemmerocalis]. Со ова ќе се намали поплочената површина и ќе се зголеми површината со зеленило долж тротоарот за движење на пешаците и велосипедистите.
„Покрај зелената зона предвидени се нови клупи за седење и корпи за отпадоци, како и корпи за селекција на отпад, а постојните елементи од урбаната опрема и зеленило кои се оштетени и нефункционално поставени, ќе бидат отсранети, а ќе се задржат канделабрите со зеленило кои дополнително ќе бидат искроени, средени и адаптирани во новиот концепт на зеленило. Вкупниот износ на целиот проект изнесува 39.000 швајцарски франци, со дополнителна финансиска поддршка од Општина Центар за реконструкција и хортикултурно уредување на дел од ниското зеленило и донација од Фондот на холокаустот на Евреите од Северна Македонија за поставување нови 20 дрва од видот Јапонски цреши “ – изјави градоначалникот Богдановиќ.
Општина Центар во соработка со Гоу Грин Скопје, кој е иницијатор на проектот “Еко иновативни зони за почист воздух”, како дел од проектот “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ – проект на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој, заеднички ќе го реализираат проектот за уредување на Сквер Јадран, а ќе се спроведува од страна на Скопски плански регион.