Со поддршка од неколку општествено одговорни компании, а во рамки на одбележувањето на Денот на Општина Центар, 3-ти ноември, општината обезбеди 60 преносливи компјутери, кои дополнително ќе бидат распределени во општинските основни училишта.
Во време на пандемија на коронавирус, Општина Центар реши да ја олесни он лајн комуникацијата помеѓу наставниците од една и учениците од друга страна.
Со ова ќе се подобри квалитетот на работата на наставниците, а воедно и ќе се придонесе за поквалитетен, безбеден и ефикасен образовен процес во општинските основни училишта.
Од самиот почеток на пандемијата, Општина Центар е насочена кон давање помош на сите на кои таа им е неопходна и e важна за надминување на овој тежок период.
„Еден од врвните приоритети во нашата работа се децата. За нас важно е тие да имаат пристап до квалитетен и безбеден процес на образование, процес кој треба да биде пример и за другите општини во државата. Им благодарам на компаниите кои одлучија да бидат дел од овој благороден проект. Воедно, апелирам и до останатите општествено одговорни компании и поединци кои се во можност, да ја покажат својата хуманост и тие да дадат свој придонес во справувањето со коронавирусот“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ на денешното предавање на компјутерите во ООУ „Киро Глигоров“.
Директорката на ООУ „Киро Глигоров“, Билјана Билбиловска, во име на останатите општински основни училишта, се заблагодари на градоначалникот Богдановиќ и донаторите, нагласувајќи ја важноста за современо, квалитетно и безбедно образование за децата во секое училиште.
Општина Центар, под мотото: Хумана, Одговорна, Отчетна, Зелена – oпштина по терк на граѓаните, од 2.11.2020 до 6.11.2020 година ги одбележува Денови на Општина Центар.