Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денес го најави поставувањето на првите еколошки топлотни пумпи, кои наскоро ќе го загреваат објектот Панорама на центарската градинка „Кочо Рацин“.
Објектот Панорама на градинката „Кочо Рацин“ е првата градинка во државата која го воведува овој систем за ладење и греење.
Заедно со веќе поставените осум инвертер клима уреди, топлотните пумпи значително ќе ги намалат трошоците за електрична енергија, истовремено обезбедувајќи ги сите услови за пријатен престој на дечињата и вработените во градинката.
„Како и досега, ќе продолжиме да поставуваме стандарди во општинските детски градинки и основни училишта, токму поради тоа што децата и подобрувањето на условите за нивен здрав и квалитетен раст и развој се врвни приоритети во нашата работа. Со поставувањето на овие топлотни пумпи, котлите кои работат на мазут и нафта заминуваат во историјата. Пумпите ќе овозможат еколошко разладување и загревање на просториите, со што нема да се наруши состојбата на животната средина и ќе заштеди на трошоци за електрична енергија“, изјави градоначалникот Богдановиќ при денешната посета на градинката.
Со поставувањето на пумпите ќе се обезбедат топли и здрави простории за престој на децата и вработените во зимскиот период, особено во време на прогласена пандемија на КОВИД 19.
Нашата работа не застанува овде, додаде градоначалникот Богдановиќ, ова е само почеток на низата проекти и активности кои допрва ќе ги преземаме со единствена цел – поставување на современи и квалитетни стандарди за престој во општинските детски градинки и основни училишта.
Вкупната вредност на трите топлотни пумпи изнесува 4.000.172 денари, а средствата се обезбедени од владата на РСМ, преку програмата за аерозагадување и климатски промени.