На денешната дваесетта седница на Советот за развој на Скопски плански регион, градоначалниците му дадоа поддршка на проектот за Центар за работа на талентирани ученици од општините Центар, Карпош и Кисела Вода.
Општина Центар обезбеди простор од 120 метри квадратни во ООУ „Димитар Миладинов“, кои ќе бидат пренаменети во три засебни простории: лабораторија за физика и планетариум, лабораторија за хемија и биологија и еден кабинет за уметности.
Вредноста на проектот изнесува 6.000.000 денари, средства обезбедени преку Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, со кои ќе се опреми Центарот.
Општина Центар креираше концепт каде децата од трите скопски општини ќе можат да ги развиваат своите знаење, но и да се подготвуваат за меѓународни натпревари и олимпијади.
Општина Центар е носител на Центарот за работа на талентирани ученици, а општините Карпош и Кисела Вода се партнери во проектот.
Со овој Центар уште еднаш недвосмислено се покажува нашата континуирана грижа за развојот и посветеноста за овозможување на нови домашни и меѓународни достигнувања и успеси на нашите деца.