Општинското основно училиште „Киро Глигоров“ влезе во потесен избор за наградата на Европската Унија за современа архитектура, Мис ван дер Рое за 2022-ра година (EU mies award).
„Ми претставува особена гордост и задоволство што нашето најубаво и најмодерно основно училиште, ‘Киро Глигоров’ влезе во потесен круг за наградата на ЕУ за современа архитектура, Мис, за 2022-ра година. Оваа номинација е големо меѓународно признание за ООУ ‘Киро Глигоров’ и уште една потврда за нашата посветеност на работата“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Наградата на ЕУ за современа архитектура, воспоставена во 1987-ма година како еднакво партнерство помеѓу Европската комисија, Европскиот парламент и фондацијата Мис ван дер Рое, се одржува на секои две години и ги избира најдобрите од кругот на најквалитетните современи архитектонски дела во Европа.
ООУ „Киро Глигоров“ е првото основно училиште изградено во Општина Центар по 5 децении.
Училиштето се простира на вкупна површина од 16.200 м2 (12.100 м2 училишна зграда и 4.100 м2 дворна површина), изработено е по сите светски современи стандарди и при неговата изградба се користени најквалитетни материјали.
Автор на идејното решение за ООУ „Киро Глигоров“ е архитектот Бесиан Мехмети д.и.а., координатор на проектот, Кире Секуловски д.г.и., изведувач на градбата е „Вардар Градба“, надзорот врз градбата го вршеше „Завод за испитување на материјали“ (ЗИМ) Скопје, а градено е врз основа на проектот на тимот од „Инком Инженеринг“.