Уште една општествено одговорна компанија се приклучи кон активностите на Општина Центар за месечна помош на семејства со висок социјален ризик.
Свислион ДОО од Скопје е последниот партнер на Општина Центар и Банка за Храна МК во подготовка на месечните пакети кои ги општината ги доставува до оние граѓани на кои оваа поддршка им е најпотребна.
Општина Центар, Трговското друштво за прехранбена индустрија Свислион ДОО Скопје и невладината Банка за Храна МК потпишаа меморандум за соработка во редовните активности поврзани со проектот „Нула Глад“. Проектот „Нула Глад“ е проект кој општината го реализира во соработка со невладината организација Банка за Храна МК. Проектот има за цел помош и поддршка на социјално загрозени семејства и преку него општината дава свој придонес во справувањето со сиромаштијата и гладот.
„Благодарност до управителот на Свислион, Александар Јаниќ и до компанијата, кои со овој чекор служат за пример и на други компании, да бидат општествено одговорни и да придонесат во секојдневните општествени процеси“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Со проектот „Нула Глад“ во Општина Центар, по претходно добиен список од Министерството за труд и социјална политика, 150 семејства со висок социјален ризик месечно добиваат пакети со храна и хигиенски производи.
Свислион ДОО со потпишувањето на меморандумот за соработка им се приклучи на досегашните партнери во проектот, маркетите Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак и Гранап.