Советот на Општина Центар вчера ја одржа 59-тата седница. На седницата како прва точка на дневниот ред за работа беше доделувањето на парична помош во висина од 400.000 денари на градовите Петриња и Сисак во Република Хрватска.
На предлог на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на вчерашната седница едногласно од страна на сите советници беше изгласана помошта за граѓаните на Петриња и Сисак во Хрватска по разорниот земјотрес кој се случи на 29-ти декември минатата година.
Земјотресот чиј епицентар беше близу до Петриња, на 50-тина километри од главниот град на Хрватска, Загреб, одзеде најмалку 7 животи, многумина ги остави без домови и покрив над главите и целиот град го претвори во рушевина.
Средствата ќе бидат уплатени во Фондот за солидарност на посебната сметка на Црвениот крст на Република Северна Македонија и во најбрз можен рок ќе им бидат достапни на граѓаните на Петриња и на Сисак.