Во чест на починатиот писател, режисер, сценарист, драматург и еден од најзначајните ликови во македонската култура, Горан Стефановски, Општина Центар заедно со семејството на Стефановски во неговото Дебар Маало наскоро ќе постават спомен-обележје.
Симболичната клупа-споменик, е излеана, се наоѓа во Лондон, Велика Британија и ќе биде поставена во паркчето кое се наоѓа спроти бараките на општината, веднаш до чинарот, кој на роденденот на Стефановски – 27-ми април, беше засаден во знак на сеќавање на доајенот на македонската литература.
„Клупата на Горан Стефановски; малото, но сепак големо спомен обележје на македонскиот литературен лауреат, го започнува патешествието од Лондон до Скопје. Во наредниот период очекуваме да пристигне тука и заедно со семејството, пријателите, но и со сите почитувачи на ликот и делото на Стефановски, да ја поставиме во неговото Дебар Маало“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Покрај поставувањето на споменикот, Општина Центар секоја година во Дебар Маало со пригоден настан го одбележува и роденденот на Горан Стефановски, како дел од општинската Програма за култура, со исклучок на минатата година, кога целиот свет се соочуваше со пандемијата на коронавирусот.
Активно е и Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски, чија цел е неговиот опус во секое време да биде достапен на граѓаните за подобро запознавање со неговите дела и промоција на сето она што значеше Горан за македонската културна сцена.
Роден во Битола, на 27-ми април 1952-ра година, Стефановски останува еден од најпознатите и признати македонски академици, писатели, професори и драматурзи. Автор е на многу текстови и драми, меѓу кои и “Јане Задрогаз“, “Диво месо“, “Лет во место“, “Хај-Фај“, “Дупло дно“, “Тетовирани души“, “Црна дупка“, “Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија, “Бушава азбука“.