Општина Центар во изминатите години активно работи на зголемување на енергетската ефикасност, истовремено водејќи сметка за зачувување на чистата и здрава животна средина.
Заложбите на општинското раководство се зголемување на парковското зеленило и зелениот фонд во општината секаде каде што тоа е можно, што е видливо и од досега усвоените планови, каде како обврска, покрај задолжителниот паркинг, се наведува и обврската за вметнување на 20% зеленило во секоја градежна парцела.
На последниот повик за реконструкција на кровови на колективни станбени објекти на подрачјето на Центар, за оваа година беа избрани проектите за 25 кровни конструкции и лифтови. Со реализацијата на последните проекти, во соработка со жителите од зградите се поставуваат современи и енергетски ефикасни кровови, а вкупната бројка за изминатите три години изнесува 77 поправени кровови и лифтови.
Општината во моментов работи на изготвување проектна документација за поставување на фотоволтаици во сите основни училишта во општината, со што значително ќе им се намалат сметките за струја и греење во зимските месеци, а ќе се подигне степенот на заштитата на животната средина.
Досега енергетски ефикасни фасади и покриви, покрај новото ООУ „Киро Глигоров“, се поставени во основните училишта „Димитар Миладинов“ и „Гоце Делчев“, но и во детските градинки „Р.Ј. Корчагин“ – објект Пепелашка, кој беше целосно реконструиран во соработка со Проектната единица на Министерство за финансии и МСИП проектот, финансиран преку Светската банка.
Зелената еко зона, која се наоѓа на скверот Јадран, а е проект на невладината „Go Green“, во соработка со Центарот за развој на скопски плански регион, а финансирана од општината и Амбасадата на Швајцарија во РСМ, во рамки на Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен развој преку Швајцарската агенција за развој и соработка, многу наскоро ќе биде достапна за користење на граѓаните. На скверот се поставени нови бехатон и гранитни плочки, три нови смарт клупи, обновено е зеленилото и поставена е нова урбана опрема.
Заложбите за намалување на загадувањето на воздухот, паметното користење и заштеда на енергија, вклучително и заштитата на животната средина се видливи и од секојдневните активности на општината поврзани со одржувањето на хигиената на уличната мрежа, но и со замената на оштетеното и исушено парковско зеленило, кое е под општинска надлежност.