Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со секретарот на општината, Маја Ралевска, утринава одржаа онлајн состанок со Државната комисија за спречување на корупцијата.
На состанокот се разгледаа актуелните случувања со паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“, но и генералната состојба со плановите после одлуката на Уставниот суд на РСМ за укинувањето на суспензијата на Деталните урбанистички планови.
Советот на Општина Центар, на предлог на градоначалникот Богдановиќ непосредно после преземањето на градоначалничката позиција, на 27-ми декември 2017-та година, ја донесе одлуката за запирање на неспроведувањето на ДУП-овите во општината. По укинувањето на првата одлука од страна на Уставниот суд, во декември 2018-та Советот повторно донесе одлука за неспроведување на ДУП-овите, која Уставниот суд повторно ја укина на почетокот на годината, на предлог на двајца жители на Охрид.
На состанокот Богдановиќ и Ралевска на претседателката Билјана Ивановска и другите членови на ДКСК им ги образложија предизвиците и проблемите со кои се соочува локалната самоуправа по последната одлука на Уставниот суд и им ја елаборираа моменталната состојба со ДУП-овите во општината.
Градоначалникот Богдановиќ пред Комисијата ја нагласи потребата од зголемен степен на соработка со останатите институции, поголема флексибилност и поголема ефикасност во спроведувањето на предметите. Богдановиќ побара и поддршка од ДКСК, од останатите надлежни институции за постапување, но и од јавноста за Уставниот суд повторно да ја стави на разгледување последната одлука за укинување на „мораториумот“ во Општина Центар.
Намерата на општинската Одлука за суспензија на ДУП-овите („мораториум“) беше донесена за да се хуманизира просторот за живеење во централното градско подрачје, да го намали загадувањето на околината и атмосферскиот воздух при носењето на нови ДУП-ови и конечно да воведе ред во урбанистичкото планирање во Општина Центар.