На последната 63-та седница на Советот на Општина Центар, одржана во четвртокот, советниците ја изгласаа и Одлуката за распределба на средства од Буџетот на општината за 2021 година, наменети за финансирање на здруженија и фондации.
Како дел од редовните годишни активности за поддршка на локалните здруженија и фондации и во насока на зацврстување на соработката помеѓу невладиниот сектор и локалната самоуправа и оваа година, Општина Центар ја спроведува Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите.
Јавниот повик за прибирање на барања беше објавен на почетокот на јануари и во зададен рок од 30 денови, до Архивата на Општина Центар беа доставени вкупно 68 пријави за финансиска поддршка.
Од вкупно 68 пријави за финансиска поддршка, Комисијата за рангирање на пријавите одобри 27, кои целосно ги исполнуваат критериумите утврдени со Јавниот повик и Правилникот за постапка и начинот на распределба на финансиски средства на Општина Центар.
Одобрените проекти за 2021-ва година опфаќаат повеќе области, меѓу кои приоритет им се даде на здруженијата и фондациите што работат на поддршка на лицата со попреченост, заштита на деца и младинци, животна средина и одржлив развој, како и развој на демократијата и човекови права. Нивните активности засегаат повеќе категории на граѓани, од деца во претшколска возраст сѐ до повозрасни граѓани и пензионери.
Во согласност со добрата практика, а имајќи ја во предвид и ситуацијата со КОВИД 19 пандемијата со која што сите се соочуваме, вкупната сума од Буџетот на Општина Центар кој е распределен на 27-те организации за оваа намена изнесува 1.500.000 денари.