Согласно зацртаната динамика за работа и на барање на жителите, Општина Центар во наредниот период планира реконструкција на три сервисни улици.
Градоначалникот Саша Богдановиќ го потпиша договорот за јавна набавка и со тоа се отпочна процедурата за реконструкција и обновување на општинските улици: „Хусеин Бајрам“, „164“, и „166“ во населбата Крњево; а во наредниот период ќе се реконструира и по еден крак од улицата „Тасино Чешмиче“ и од булеварот „11 Октомври“.
Реконструкцијата ќе опфати изградба на нова водоводна, феклна и атмосферска канализација, реконструкција на коловозот и обновување на зеленилото, урбаната опрема и уличното осветлување.
Активностите поврзани со реконструкцијата на уличната мрежа ќе придонесат кон намалување на сообраќајниот метеж во општината, ќе ја зголемат безбедноста на учесниците во сообраќајот и по подолго време, ќе обезбедат квалитетни услови за одвивање на сообраќајот и движење на пешаците и велосипедистите.
Досега, со редовните активности на Секторот за уредување на градежно земјиште реконструирани се вкупно 23 улици на територија на Општина Центар.