По повод 23 април – Светскиот ден на книгата и авторските права, Општина Центар обезбеди донација од илјада книги на македонски и на англиски јазик за општинските основни училишта.
Општина Центар ја иницираше оваа акција во соработка со шест издавачки куќи, книжарници и компании во Република Северна Македонија, кои донираа и обезбедија соодветна литература од светски и од македонски автори за учениците од осумте основните училишта во Општина Центар. Во оваа акција учествуваа издавачките куќи Академска книга, Арс Ламина, Едука Мак, Три, Тримакс и Феникс.
„Имајќи ја предвид новонастанатата ситуација предизвикана од глобалната здравствена криза и од вонредните околности што наметнаа онлајн-учење во училиштата и секојдневно користење на дигиталните платформи за комуникација, оваа иницијатива претставува дополнителна мотивација за учениците да читаат и да го надградат своето знаење со книги и изданија од светски и македонски автори. Би сакал да им се заблагодарам на сите општествено одговорни компании што дадоа поддршка на нашата иницијатива за збогатување на книжевниот фонд во училишните библиотеки во Општина Центар“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Општина Центар секоја година го одбележува Светскиот ден на книгата и авторските права со разни активности, настани и литературни конкурси за учениците во основните училишта како важен аспект за правилен интелектуален и емоционален развој на личноста кај децата.