Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со советничката за меѓународна соработка во општината, Ивана Спасовска, утринава на платформата zoom одржаа работен состанок со претседателот на Градската општина Стари Град во Белград, Р. Србија, Радослав Марјановиќ.
Збратимени пред повеќе од 20 години, соработката помеѓу двете централни општини, Општина Центар и Стари Град, е воспоставена многу одамна. Тенденцијата на градоначалникот Богдановиќ е соработката да се продлабочува и проширува, имајќи предвид дека се работи за две соседни земји, со пријателски народи, кои заедно чекорат на патот кон напредокот во регионот.
Богдановиќ и Марјановиќ на состанокот ги договорија конкретните чекори за соработка во три клучни области: култура, спорт и образование.
Соработката во овие три области ќе придонесе кон реализација на доброто локално партнерство кое понатаму ќе се развива, повторно ќе придонесе за зближување на жителите на двете општини и ќе го забрза регионалниот развој во годините што следат.