Општина Центар распиша Јавен повик за доделување субвенции за проектот „Центар се грижи за возрасните“, во согласност со Програмата за здравствена, социјална заштита и заштита на деца, со финансиска поддршка од Буџетот на Општина Центар за 2021 година.
Проектот се реализира веќе петта година и има цел да овозможи подобрување на здравствената и на психолошката состојба кај возрасните лица што живеат на територијата на Општина Центар, како и обезбедување професионална помош преку ангажирање стручни лица за помош и поддршка во домашни услови.
На објавениот Јавен повик имаат право да аплицираат лица што се на возраст над 60 години и се жители на Општина Центар. Заинтересираните лица што ги исполнуваат условите и критериумите за учество треба да пополнат апликација и да ја достават до Архивата на Општина Центар и дополнително да достават фотокопии од лична карта, потврда за примена пензија од претходниот месец и медицински документ за здравствената состојба. Проектот ќе се реализира по принципот прв дојден – прв услужен во согласност со утврдената бројка од максимум 90 корисници.
Избраните корисници од проектот „Центар се грижи за возрасните“ ќе имаат право да користат услуги од професионални асистенти за нега на стари лица во домашни услови, односно право на користење на услуги од социјален работник, физиотерапевт, медицинска сестра и психолог. Во соработка со негувателот се врши детална процена за индивидуалните потреби и здравствената состојба на лицето, а потоа се одредуваат приоритетите за избор на услуга и креирање индивидуален план за посета од стручни лица, ангажирани од Општина Центар.
Вонредни мерки што се спроведуваат на територијата на Општина Центар за помош и поддршка на старите лица се редовни теренски активности за доставување храна и лекови до домовите на лицата што се стари, изнемоштени и со влошена здравствена состојба, а oпштината ги реализира со Здружението за поддршка и развој „Хуманост“.
Сите заинтересирани лица можат подетално да се информираат на општинската веб-страница www.centar.gov.mk или на телефонскиот број 076 313 383.