На последната 64-та седница на Советот на Општина Центар, одржана во четвртокот (6.5.2021), на предлог на координаторот на советничката група на СДСМ, Јон Фрчкоски, советниците го усвоија Заклучокот за постапување по членот 23 од Законот за урбанистичко планирање.
Со Заклучокот, Советот на Општина Центар ја задолжи Комисијата за урбанизам, формирана од градоначалникот и стручните служби од Секторот за урбанизам да изготват стручни елаборати за деловите од детални урбанистички планови за кои е неопходна примена на институтот „суспензија на урбанистички план, на негов дел или планска одредба“, согласно членот 23 од Законот за урбанистичко планирање.
Со овој Заклучок, деловите од Деталните урбанистички планови кои се опфатени и предизвикуваат правно дејство согласно Одлуката за вршење на работите за располагање со градежно земјиште сопственост на РСМ за Општина Центар, кои се предмет на постапки пред надлежни правосудни и други државни органи, и за кои е воочено од страна на стручните служби дека е оправдано да не се предмет на институтот „суспензија“, согласно Законот за урбанистичко планирање, нема да бидат земени предвид при изработка на стручните елаборати кои се основа за суспензија на делот од Деталниот урбанистички план, сѐ до конечно завршување на започнатите постапки.