Во однос на обвинувањата на советникот од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов на вчерашната прес конференција со наслов: „Четири години власт на Богдановиќ во Центар, четири години хаос и нереализирани ветувања“, Општина Центар сака да појасни неколку работи.
Наместо непродуктивни трошења за споменици и фонтани, само во изминатиот период завршени се реконструкциите на 23 улици на територија на општината, а до крајот на летото се планира бројката на реконструирани 37 улици.
Тука вреди да се напомене и големиот проект за реконструкцијата на една од главните сообраќајни артерии на Скопје и на Општина Центар, улицата Орце Николов, по целата нејзина должина во општината, на површина од 7.182 метри квадратни.
Со цел разјаснување на работите на советникот Попов и неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, до самото укинување на Одлуката за неспроведување на Деталните урбанистички планови од страна на Уставниот суд, донесени се 8 ДУП-ови, а во завршна фаза се наоѓаат 6 планови. Во сите од нив видливи се заложбите за раззеленување на општината, за што говори фактот дека во тие планови досега се избришани неколку претходно вцртани објекти, воведена е обврска за 20% зеленило во градежна парцела и вкупно во досега донесените планови се зачувани 13.000 метри квадратни на зеленило.
Општина Центар ја заврши изградбата и го пушти во употреба и новото модерно основно училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец, изградено и опремено по сите современи стандарди за основни училишта.
Покрај редовните одржувања на постојните општински училишта, завршена е реконструкцијата на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ – објект Пепелашка, а за прв пат, предвидена е и изградба на нова детска градинка во населбата Пролет, која ќе ги опслужува семејствата кои живеат во оваа центарска населба.
Реконструиран е поранешниот објект на „Матично“ во самиот двор на општината и објектот е пренаменет во младински центар, кој им стои на располагање на сите млади и младински организации во Општина Центар.
Во Општина Центар, во просториите на урбаната заедница „Дане Крапчев“ основан е и Културно-социјален простор „ЈАДРО“, прво цивилно-јавно партнерство воопшто во државата. КСП „ЈАДРО“ стана место за семинари, изложби, обуки и разни други активности важни за претставниците на невладиниот сектор во општината.
За крај, Општина Центар работи домаќински, одговорно ги троши парите на граѓаните и никогаш досега не била во подобра финансиска состојба – од доаѓањето на Саша Богдановиќ на позицијата градоначалник, вратени се сите долгови кон побарувачите, а во Буџетот на Општина Центар вратени се средства во износ од над 2.5 милиони евра, по основ на договорни казни, банкарски гаранции и пресуди.
Наведеното е само дел од целата работа на општинското раководство предводено од градоначалникот Саша Богдановиќ. Општина Центар и градоначалникот Богдановиќ ги повикуваат советникот Попов и неговата советничка група, наместо со неосновани критики, да се вклучат во работата со корисни идеи и предлози, со кои нема да собираат дневно политички поени, а ќе го подобрат животот на граѓаните во општината.