Општина Центар секоја година организира настан за доделување награди и пофалници за најдобрите наставници и наставнички од општинските основни училишта, во согласност со својата Програма за образование.
Настанот традиционално се одбележува по повод Денот на словенските просветители св. Кирил и Методиј, а наставниците се наградуваат со паричен износ и со пофалници, како дополнителен мотив за нивната натамошна креативна работа во воспитно-образовниот процес.
„Професионалниот кадар што работи во основните училишта има главна улога во поставувањето на темелите на образованието на секое дете и на овој начин сакаме да ги мотивираме наставниците во нивната работа и да им оддадеме признание за досегашните постигнати резултати. Би сакал да им честитам на наградените наставници за вложениот труд во создавањето стимулативни услови за развој на децата, како и за развивањето на нивните позитивни страни и творечки потенцијали. Се надевам дека ќе продолжат во оваа насока и ќе бидат пример за другите“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Наградите се доделуваат врз основа на претходно утврдени критериуми за вреднување на работата на наставниците во основните училишта, пропишани од Комисијата за образование во Општина Центар, а се наградуваат по еден одделенски и по еден предметен наставник од секое училиште во општината. Наградените наставници добиваат по 20.000,00 денари.
Во наредниот период Општина Центар ќе додели и награди за првенците на генерација, како и награди за најдобрите негувателки и воспитувачки, стручни соработници и технички персонал од општинските детски градинки.