Во рамките на Младинскиот центар – Матично се одржа првата Јавна расправа на тема „Зголемување на младинското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво“. На настанот свое обраќање имаа градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, претставници од Сојузот на извидници на Македонија и од Првиот скопски извиднички одред, невладината организација Еко лоџик, младински активисти, претставници од општинските основни училишта и членови од училишните парламенти во Општина Центар.
На Јавната расправа се дискутираше на теми за зголемување на младинското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво, беа презентирани примери од успешни практики од формалното и неформалното образование што се важен показател за натамошното креирање нови програмски активности и унапредување на положбата на младите во општеството.
„Горд сум што Центар е општина со свој младински центар и што ја исполни оваа обврска предвидена во Законот за младинско учество и младински политики. Симболично го задржавме името ‘Матично’, како матична локација на младите и простор каде што ќе можат секојдневно да се дружат, дебатираат и едуцираат. Со ваква визија нашето ‘Матично’ ќе отвори нови предизвици и нови можности за младите што ќе бидат во чекор со европските практики, а преку заеднички активности ќе ги имплементираме на локално ниво за да изградиме прогресивна и самосвесна младина, која самостојно ќе креира младински политики за современ начин на живот по мерка на младите, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Во рамките на Младински центар – Матично е отворена Канцеларија за млади со која ќе координира новиот младински службеник, лице што ќе биде одговорно за спроведување на програмите и политиките за младите во Центар. Согласно Програмата за 2021 година предвидено е да се направи стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието и младинското учество во соработка со основните училишта, ангажирање експерти и менторска поддршка од Македонскиот центар за граѓанско образование, работни посети и дискусии со претставници од Град Скопје. Во Буџетот на Општина Центар за 2021 година планирани се 300.000,00 денари за програмски активности за Младинскиот центар – Матично.
Претставниците од младинските организации презентираа нов предлог-концепт за партиципативно буџетирање што претставува важна компонента што може да се имплементира во основните училишта и да претставува нова стратегија за активно учење на децата и на младите.
„Училиштата ширум светот користат партиципативно буџетирање за да ги ангажираат учениците, родителите и вработените во одлучувањето како да потрошат дел од училишниот буџет според потребите на учениците, водејќи се според европските стандарди за создавање квалитетен начин на живот. Практикувајќи го ова ‘револуционерно граѓанско дело во акција’, учесниците се учат на демократските процеси и начините како да бидат ангажирани и активни во едно општество“, изјави Снежана Јанковиќ, претставник од Прв скопски извиднички одред.
Настанот е дел од проектот „Поддршка на изборните реформи“ на Швајцарската агенција за развој и соработка, а го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).