Советот на Општина Центар, на вчерашната 65-та седница ги усвои и Измените и дополнувањата, односно ребалансот на општинскиот Буџет.
Со ребалансот, се предвидува зголемување на вкупните приходи и расходи во основниот буџет, средства со кои дополнително ќе се зголеми ефикасноста на работењето на секторите и одделенијата во Општина Центар.
За обновувањето на улиците и уличната инфраструктура Општина Центар после последниот ребаланс, за оваа година има предвидено вкупно 250.000.000 денари. Со овие средства ќе се покријат трошоците наменети за реконструктивни градежни зафати на 18 улици во Општина Центар, каде ќе се постави нова урбана опрема, ново зеленило. Од средствата општината ќе ги покрие и трошоците за модернизација на уличното осветлување и ќе продолжат активностите за замена на старото со ново енергетски ефикасно ЛЕД осветлување.
Со ребалансот на Буџетот се зголемува и фондот за субвенции за поправка на лифтови и санирање на покриви за дополнителни 1.500.000 денари, а се зголемуваат и средствата наменети за реконструкција на фасадите, во висина од 10.100.000 денари.
За активностите поврзани со заштитата на животната средина општината ќе одвои дополнителни 900.000 денари, а за почиста и поздрава околина, се зголемува и буџетот за ангажирање лица за одржување на јавната хигиена за 7.750.000 денари.
Со 2.600.000 денари ќе се зајакнат и општинските детски градинки, од кои дел ќе се искористат за ангажирање на дополнителен воспитен кадар, а дел од средствата ќе се наменат за подготовка на проекти за реконструкција на градинките.
Во однос на трошоците поврзани со основното образование и општинските основни училишта, Општина Центар ќе одвои дополнителни 8.605.000 денари за реализација на тековните училишни активности и ќе ги зголеми средствата за реконструкција на покривот на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ за 8.000.000 денари.