Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на прес конференција ја најавија изградбата на новата детска градинка, прва во населба Пролет.
Во стариот Детален урбанстички план во кој спаѓа и оваа локација, ДУП-от Градска четврт И 06 – Пролет, на ова место беше предвидена изградба на објект на локална самоуправа, со намена В 4. Во новиот ДУП вцртаниот објект се избриша и се замени со објект со намена В2: здравство и социјална заштита, односно изградба на детска градинка
Детската градинка ќе има подрумски простор, приземје и 1 кат, со вкупна нето површина од 2760 метри квадратни и најголема бруто површина за детска градинка во државата, од 3276 метри квадратни, односно по 21 метар квадратен по дете.
„Со изградбата на овој објект, кој ќе биде во надлежност на ЈУДГ Раде Јовчевски Корчагин, сите 3 градинки во општината ќе имаат еднаков број на објекти – 4. Капацитетот на градинката предвидува згрижување на 150 деца, распоредени во 9 занимални. Предвидена е урбана градина со сандаци со песок и земја, детски реквизити (лизгалки, лулашки и мостови). Надворешното игралиште е инклузивно и до него можат да пристапат и деца со попречнеост во движење. На надворешниот дел од фасадата предвидено е фасадно поставување на детска болдер карпа. Концептот на градинката е да се обезебди простор во кој акцентот пред сѐ, се става во функција на децата и обезбедување на удобен простор за ран развој и нивна игра“, изјави на прес конференцијата градоначалникот Богдановиќ.
Во предвиденото техничко решение посебно е внимавано и на тоа сите пристапи и влезови да бидат одделени.
1. Главни влезови (два – од 2 до 4 години и од 4 до 6 години) за родители и деца
2. Административен влез за воспитувачи и администрација.
3. Влез за вработени во кујна
4. Влез (економски) од подземен паркинг
5. Посебен пристап за возила во подземен паркинг – за поголема безбедност на децата и родителите
6. Помошен (ПП) излез
7. Излез на деца (од занимална во двор)
8. Излез на отпад
Во приземјето преку посебен администартивен влез за вработени се влегува и до просторија за лекар со изолација за дете и просторија за стручни соработници.
На катот сметени се 4 јасли, по две занимални и заеднички простор за санитарен дел. До нив се пристапува преку две скалишни јадра. Покрај едното скалишно јадро предвиден е и лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движење.
„Грижата за најмладите, децата во предучилишна возраст е високо на агендата на приоритети на Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Северна Македонија. А согласно Владината програма до крајот на мандатот, опфатот на деца во градинките е проектиран да биде 60 проценти.
Изминатиов период, за изминатите 9 месеци, отворивме 12 детски градинки и со тоа обезбедивме опфат на околу 700 деца во нив. Нашата проекција е дополнителни 13 нови детски градинки до крајот на оваа година и опфат на околу 1400 деца во нив.
Ова значи сериозно испорачување на потребите и барањата на граѓаните од нашата држава, вклучително и од градската и од руралнита средина. Па така за прв пат отворивме градинки во Босилово, Брвеница, Боговиње и други помали населени места за да се овозможи на родителите, пред се мајките грижа за нивните деца и нивно вклучување на пазарот на труд“, додаде министерката Шахпаска.
Во градинката е предвидена изградба на галерија, со сигурносна ограда, елементи и три дрвени куќички кои ќе имаат улога на видиковец. Долж галеријата се предвидува изградба на тераса со дрвен под, обезбедена и осигурана за безбедно играње на децата.
Во подрумскиот дел сместена е централна кујна која ќе биде во функција само за потребите на градинката.