Општина Центар ја информира јавноста дека останува посветена на остварување на заложбите за создавање на чиста, уредна и еколошка општина, општина која треба да претставува пример за другите општини во државата. Оттука, во целост го разбираме најавениот протест на граѓаните по повод сечењето на дрвата на улицата „Орце Николов“ и потполно го поддржуваме правото на слобода на говор и изразување.
Во однос на барањата упатени до Општина Центар од организаторите на протестот, „Зелен хуман град“, сакаме да разјасниме неколку дилеми кои изминатите денови кружат во јавноста.
Издадено е решение за отстранување на 13 дрва, од кои отстранети се 8, по претходно извршени испитувања од надлежните стручни служби, каде е утврдено дека се работи за стари, болни и оштетени дрва. Крошните на дрвата чии гранки се кршеа при секое поголемо невреме во градот претставуваа опасност за граѓаните и минувачите. Во повеќе наврати до општината од жителите од околните згради има пристигнати писмени барања за отстранување на дрвата. Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија.
Проектот за улицата „Орце Николов“ веќе две години е изложен на увид во Општина Центар, објавен е на општинската веб страна, неколку пати е објавуван и во јавноста и сите засегнати граѓани можат да дојдат во општината и лично или електронски, на следниот линк, да се уверат во содржината на истиот. Извршена е ревизија и проектот за улицата „Орце Николов“ ги има поминато сите фази на контрола при изработката. Крајната наша цел е граѓаните да добијат квалитетна и безбедна реконструирана улица.
Еден од приоритетите на работата на Општина Центар и на градоначалникот Саша Богдановиќ е заштитата на животната средина.
Со носењето на новите 8 ДУП-ови успеавме да сочуваме 13.000 метри квадратни урбано зеленило, паркови и зелени површини и ја воведовме обврската за обезбедување на 20% зеленило во секоја градежна парцела. Политиките за зазеленување на општината се евидентни со сите наши активности и проекти, меѓу кои и замената на старите фасади со нови, еколошки и ефикасни, проектот „Цел Центар на точак“, поставување на енергетски-ефикасни фасади на детските градинки и училишта, Зелената еко зона на Сквер Јадран, но и со секојдневното одржување и обновување на уличното и парковското зеленило во надлежност под општината.
Општина Центар останува на ставот за зачувување на целиот дрворед на улицата „Орце Николов“, отстранетите дрва ќе се заменат со нови, а Центар, Скопје и граѓаните ќе добијат нова, квалитетна и безбедна улица.