По налог на Општина Центар и врз основа на Решението ИП1 бр. 34-48 од 20.5.2021 година започна отстранувањето на доградбата на кафе-барот „Правда“ на улица „Мирослав Крлежа“.
По направениот увид од овластен градежен инспектор, констатирано е дека инвеститорот не поседува одобрение за доградба на објект, како и решение за поставување градби. Доградбата е изградена од целосно застаклена метална конструкција, како и платформата што е покриена со штици.
„Упатувам апел до сите инвеститори, кои имаат добиено решенија, самостојно да ги отстранат нелегално изградените објекти. Во спротивно, Општината ќе пристапи кон присилно административно извршување. И наредниот период Секторот за инспекциски работи на Општина Центар ќе продолжи со контролите и со инспекциските надзори“, изјави градоначалникот Богдановиќ.
Во согласност со Буџетот на Општина Центар, за 2021 година се планирани 12 милиони денари за уривање на бесправно изградени објекти.