Општина Центар ја реализираше набавката на едно специјално комунално возило – цистерна, со која ќе се расчистуваат улиците на територија на општината.
Поради зголемениот обем на работа на општинските комунални служби, со набавката на цистерната, значително ќе се зголеми степенот на јавната улична хигиена во општината.
Возилото е набавено од италијанскиот производител на лесни, средни и тешки комерцијални возила „Ивеко“, со цистерна со капацитет од 5000 литри, мотор со ЕУРО 5 стандард, опремено со дополнителна опрема за рачно распрскување и чини 4.900.000 денари (приближно 80.000 евра), средства обезбедени од Буџетот на Општина Центар.
Ова е уште еден чекор напред на Општина Центар во поглед на обезбедување на чисти, проодни и пред сѐ, безбедни улици за одвивање на сообраќајот и непречено движење на пешаците, велосипедистите и корисниците на алтернативни средства за сообраќај.
Покрај цистерната, во наредниот период ќе пристигнат уште три специјални комунални возила, тн. „метларки“, за чисти и уредени општински улици.