Советниците од Советот на Општина Центар ја одржаа 68-та седница, со вкупно 36 точки на дневниот ред за работа.
Усвоени се кварталниот и шестмесечниот извештај за работата на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, вклучително и годишниот план за вработување во претпријатието.
Советниците ги усвоија и годишните планови за вработување во детските градинки и нивните клонови кои се наоѓаат на територија на општината и поради зголемениот интерес за упис на деца, ги донесоа одлуките за зголемување на капацитетот за прием на деца во градинките.
На 68-та седница донесени се и годишните програми за работа на општинските основни училишта и годишните програми за начинот на изведување на ученичките екскурзии, излетите и на другите слободни активности на учениците од училиштата.
Покрај останатите точки од дневниот ред, советниците го разгледуваа и полугодишниот извештај за работата на полициската станица „Центар“. На седницата советниците го овластија градоначалникот Саша Богдановиќ, во име на општината, да го потпише иницијалниот договор за подзаем со Министерствотот за финансии, за реализација на проект за енергетска ефикасност со Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка. Со овој проект најстарото основно училиште во Општина Центар, но и во државата, „Св. Кирил и Методиј, ќе ја замени старата и дотраена фасада со нова, квалитетна, која ќе биде енергетски ефикасна.
На седницата беа усвоени и кварталниот извештај за извршувањето на Буџетот на Општина Центар и полугодишните извештаи за работата на општинските сектори и одделенија, за периодот од 1.1. до 30.6.2021.