Активности|

Улица „Орце Николов“ во Дебар Маало се зазеленува со нови 1008 нискостеблести и грмушести садници. Денеска градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски изврши увид во садењето кое ќе се одвива и во текот на наредните денови.

„Новите садници кои се садат денеска повторно ќе го вратат препознатливиот зелен лик на улицата „Орце Николов“. Овие ниско грмушести растенија ќе се засадат долж целата улица и освен декоративната улога, ќе го следат движењето на улицата и ќе придонесат кон заштитата на животната средина и прочистувањето на воздухот. Ние ветивме дека општина Центар ќе стане зелена општина и почнуваме веднаш. Имаме зелена програма која ќе го разубави Центар со нови паркови и нови зелени површини“, изјави Герасимовски.

Нискостеблестите растенија кои се садат денеска и во текот на наредните денови се од видовите Ligustrun texanum од кои ќе бидат засадени 282 садници, Pachysandra terminalis – 118 садници, Cotoneaster horizontalis – 154 садници, Јuniperus horizontalis – 71 садници, Acorus gramineus – 270 садници и Spirea japonica – 113 садници.

Грмушестите растенија ќе се садат покрај новиот дрворед од 15 јавори кои без засадени на почетокот на минатиот месец откога претходно беа исечени старите и болни дрва поради поплаките од жителите од околината.

Според проектот за реконструкција на „Орце Николов“, зеленилото на улицата со новите садници ќе се зголеми за повеќе од 20% од пред почетокот на инфраструктурните зафати.

Comments are closed.

Close Search Window