Во тек е јавниот повик на Општина Центар за ангажирање на невработени лица во проектот „Образование за сите“.
Проектот има за цел да ангажира невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат за работно ангажирање како лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби, кои се вклучени во образовниот процес во основните училишта на територија на Општина Центар – Скопје, во учебната 2021/2022 година.
Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во проектот „Образование за сите“, ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 работни часови неделно, во период од 6 месеци, почнувајќи од 1-ви декември, до крајот на учебната 2021/2022 година, односно заклучно со 31-ви мај 2022-ра година.
Кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во проектот ќе добиваат паричен надоместок во висина од 12.000,00 денари нето износ, со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.
Сите евидентираните невработени лица кои ќе се пријават за учество во проектот „Образование за сите“, треба да припаѓаат на една од следните целни групи невработени лица: долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години); млади лица до 29 години; лица постари од 50 години; самохрани родители или родители на деца со пречки во развојот.
Повеќе информации околу постапката за аплицирање, условите и начинот за апликација, заинтересираните граѓани можат да најдат на објавата на општинската веб страна.