Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, со инспекторите од Секторот за инспекциски работи денес извршија увид во состојбата со градежните активности на улицата „Козара“, во Општина Центар.
Јавноста реагираше на градежната експанзија што се одвива на улицата „Козара“, пред сѐ поради вкупната бројка на згради, 7, кои во моментов се градат токму на оваа улица, но и непосредноста на градежните парцели на зградите.
Поради обемните градежни активности и секојдневниот сообраќај на тешка градежна механизација, видливи се и оштетувањата на улицата и големите дупки на коловозот, кои општината ќе ги санира во најбрз можен рок.
Герасимовски, заедно со општинските градежни инспектори и општинските служби имаа можност директно да се запознаат со ситуацијата на улица „Козара“.
„Во целост го разбирам револтот на јавноста, но и на жителите кои живеат во околината. Поради тоа и денес сме овде, на лице место, да се увериме во состојбата на оваа улица и да видиме што можеме да направиме за да ја вратиме во нормално функционирање. Затоа и општинските инспектори се денес со нас и за евентуалните прекршувања на законските одредби одговорните лица ќе си сносат одговорност. Целата состојба со улицата е загрижувачка, а видливи се и оштетувањата на коловозот. Секторот за инспекциски работи ги задолжи инвеститорите во рок од три дена да го отстранат целиот градежен шут од тротоарите, во спротивно, ќе следуваат санкции“, изјави по увидот градоначалникот Герасимовски.
Градоначалникот додаде дека ќе се запази одвивањето на сообраќајот на градежната механизација во околината и дополнително внимание ќе се посвети на обврската на миењето на гумите на возилата. Општина Центар во најбрз можен рок ќе ги санира дупките и оштетувањата на коловозот и ќе го нормализира движењето на возилата во овој дел од Општина Центар.