Општина Центар успешно ја реализира првата фаза од културниот проект – 100 години Блаже Конески. За одбележување на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, Општината испланира настан во две фази. Првата фаза, чија реализација заврши на 15-ти ноември, вклучуваше онлајн поетски работилници под менторство на Славчо Ковилоски – професор на Институтот за македонска книжевност и Елена Пренџова – поетеса. Поетските работилници беа реализирани во соработка со општинските основни училишта, од каде учествуваа дваесетина ученици. Со цел стимулација и насочување на талентот за поетско творење, учениците-учесници беа потемелно запознаени со поетското дело на Конески и креативниот процес на поетско творење. Песните напишани од учениците, инспирирани од поезијата на Блаже Конески, претставуваат резултат од успешно завршените работилници. Стручна комисија ќе направи избор на најдобрите песни кои ќе бидат презентирани и наградени на главниот настан што ќе се одржи на 17-ти декември.
Проектот – 100 години Блаже Конески, има за цел потенцирање на големото значење и трајната вредност на поетското дело на Блаже Конески, продолжување на македонската поетска традиција и улогата на поезијата на Конески во продолжување на таа традиција, како вечна инспирација на новата македонска поезија.
Реализираните поетски работилници, како и дискусијата и излагањата на главниот настан, се во насока на потенцирање на важноста на поетското творештво на Конески и неговите есеи во кои се открива креативниот процес и тајните на поетското творење. Се нагласува значењето на усната и писмена народна традиција како основна платформа врз која Конески го создава своето поетско творештво, и континуитетот на македонската поетска традиција преку создавање на нови поетски дела инспирирани од поезијата на Конески. Овој проект демонстрира дека идните македонски поетеси и поети, црпејќи длабоко од корените на македонската поезија и македонската народна песна (преку Конески), успеваат да создадат поезија со нов израз, и со тоа придонесуваат кон континуитетот и развојот на македонската литература и култура.