Општина Центар организираше голема акција за чистење и зазеленување во сите осум основни училишта на територија на општината. Акцијата ја предводеше општинската администрација со градоначалникот Горан Герасимовски, а на истата се приклучија и вработените од ЈП ПОЦ, наставниците, учениците, родителите, екологистите, невладините организации и граѓаните.
Градоначалникот Герасимовски рече дека општината оваа акција ја организира со цел да се подигне јавната свест кај граѓаните за чистата животна средина и околина.
„Со оваа акција сакаме да ја подигнеме јавната свест, затоа што во голема мера јавната хигиена зависи од нас самите. Колку сме ние подисциплинирани да го одложуваме отпадот онаму каде што треба, толку нашата средина ќе биде почиста. Овде, во училиштата во општината, сакаме да им покажаме на младите колку училишните дворови може да бидат поубави доколку го нема сметот. Нашата цел е да поттикнеме здрави навики кај младите генерации за почиста општина, па и држава во наредните години“, изјави Герасимовски пред медиумите.
Герасимовски исто така рече дека е изненаден од големиот интерес кај граѓаните кои чистеа и садеа нови садници во ООУ „Кочо Рацин“, ООУ „Коле Неделковски“, ООУ „11 Октомври“, ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, ООУ „Димитар Миладинов“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и ООУ „Киро Глигоров“, што доволно кажува дека сите сакаме чиста општина. Општина Центар ќе продолжи да организира вакви акции за да ја подобри општинската хигиена, но и да ја развие свеста кај граѓаните за чиста животна средина. Во меѓувреме, Општина Центар започна и со реализирање на предизборното ветување, односно формирањето на посебниот комунален сектор во рамки на ЈП ПОЦ, кое ќе биде задолжено за јавната хигиена на целата територија на општината.