Активности|

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, исполни уште едно предизборно ветување за пензионерите во Капиштец, отворен е нов пензионерски клуб во т.ц Беверли Хилс.

Градоначалникот Герасимовски беше во посета на пензионерите, пред кои најави зголемени активности, преку организирање турнири во шах, пикадо и стрелаштво. Во оваа пригода Герасимовски на пензионерите им однесе шах, домино, карти и дама, како дополнителни активности за дружење и релаксација на пензионерите во Капиштец.

„Здружението на пензионери во Општина Центар со над 10.000 членови е едно од најбројните и најактивните здруженија на пензионери на ниво на државата. Токму затоа е важно постојано да воведуваме нови активности и поинтензивни соработки. Со пензионерите овде во Капиштец имав одлично дружење, разговаравме за потребите и новите активности кои ја зацврстуваат социјализацијата меѓу нив. Важно е да се грижиме за нашите највозрасни граѓани, затоа што им го должиме тоа“, истакна Герасимовски.

Пензионерскиот клуб во Капиштец е првиот отворен од трите најавени во предизборната кампања. Следната година ќе бидат отворени нови два пензионерски клуба, едниот во Крњево, а другиот близу Универзална сала.

Во Општина Центар веќе функционираат 5 пензионерски клубови и тоа во урбаната заедница Мирче Ацев во Дебар Маало, друг во близина на Зеленото пазарче, уште еден во населбата Пролет кај Веро Џамбо, на улицата „Водњанска“ и во урбаната заедница „Мирче Ацев“, каде повозрасните можат да одмараат, да се дружат и рекреираат.

Дополнително, Општина Центар во соработка со здружението „Хуманост“, за највозрасните граѓани обезбедува бесплатна медицинска нега и административна помош преку проектот „Нега за стари лица во домашни услови“, проект кој пензионерите го оценуваат како најпотребен и најуспешен за нив.

Comments are closed.

Close Search Window