Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со службеникот за млади на Општина Центар, Јулија Геровска, остварија средба со младинските организации кои функционираат на територија на Општина Центар.
„Општина Центар го слуша гласот на младите и младинските организации. Затоа и денес сме тука, заедно да работиме на решавање на прашањата кои се од интерес на нашите млади жители. Се надевам оваа средба во иднина ќе стане редовна активност на општината со младинските организации. Општина Центар има и службеник за млади, преку кој директно може да го комуницирате сето она што вас ве засега“, им порача градоначалникот Герасимовски на присутните претставници на младинските организации.
Главна цел на Општина Центар е да прерасне во вистински партнер и пријател на младите и младинските организации, нешто што досега не било пракса.
Градоначалникот Герасимовски и младинските организации на денешната консултативна средба дискутираа за исполнувањето на обврските кои произлегуваат од Законот за младински политики и за можните решенија за развој на нивната заедничка соработка.
„Во тек сме со акција за реконструкција на игралиштата низ цела општина, функционираат двете читални, ‘Славко Јаневски’ и ‘Ацо Шопов’, а тука е и културниот центар ‘КСП Јадро’. Денес сме во Младинскиот центар ‘Матично’, како прв центар од ваков тип, кој е целосно ставен во функција на опслужување на младите и младинските организации. Во постапка сме на формирање на Младински совет на Општина Центар, од кој бенефит ќе имаат сите помлади граѓани на општината, а со вас и со наша поддршка ќе можеме заеднички да ги спроведуваме младинските политики“, посочи градоначалникот.
На крај, градоначалникот Герасимовски им се заблагодари на присутните за интересот и присуството на првата консултативна средба и им порача дека тој лично и општината продолжуваат да даваат засилена поддршка на сите квалитетни младински идеи и предлози за подобар живот на младите во Општина Центар.