По повеќе од десет години службите на Општина Центар го исчистија каналот кој се наоѓа во непосредна близина на полициската станица на Водно, односно тн. Шеста управа. Со помош на механизација изминатите неколку дена од каналот со должина од околу 100 метри извадени беа над 50 м3 кал, градежен и комунален отпад, гранки и паднати дрва.
Општината го исчисти каналот по барање на граѓаните, но и на рекреативците кои секојдневно ја искачуваат планината со што овој дел од Центар доби нов, почист лик.
„Оваа активност доаѓа по бројните забелешки од жителите од овој дел од општината, но и од рекреативните планинари, кои извесен период бараат да се реши состојбата со овој канал. Овие забелешки ми се добро познати, бидејќи и самиот јас сум рекреативен планинар. Со службите излеговме на терен и каналот веќе е исчистен“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Герасимовски упати апел и до останатите жители, секаде каде што има потреба од интервенција од службите, да се обратат до општината, со цел овозможување на брза и навремена реакција и ефикасно решавање на проблемот.