Заврши состанокот на „Штабот за заштита и спасување“ во Општина Центар, каде беа поканети и други надлежни институциии, со цел да се слушнат стручните мислења во поширока дискусија за состојбите во фабриката „Треска“.
Градоначалникот Горан Герасимовски извести дека увидот од страна на МВР е завршен, но во тек е предистражна постапка на јавното обвинителство, по што општината ќе ги знае конечните чекори за постапување.
„Во овој момент Општина Центар ги чека записниците од МВР и Противпожарната служба, како и насоките од Министерството за животна средина за да знаеме како да постапиме во однос на планираното отстранување на објектите кои се наоѓаат таму“, изјави Герасимовски за медиумите.
Герасимовски рече и дека пожарот во „Треска“ не предизвикал сериозна загаденост на воздухот. Тоа го потврдуваат информациите од околните мерни станици кои во периодот од 13-ти април, ден пред настанувањето на пожарот, до денес, не покажуваат надминување на параметрите за загаденост на воздухот. Затоа тој потенцираше дека истиот не треба да се поистоветува со состојбата кај „Охис“, која е хемиска индустрија.
„’Треска’ е фабрика за дрвна индустрија и тука пред сѐ, се работи за материјали од дрво, железо, бои и лакови и други материјали од тој тип. Само покривните табли се од компанијата „Салонит“ (попознати како салонитки) и во нивниот состав се наоѓа опасниот елемент азбест. Како што претходно кажав, состојбата во фабриката е навистина страшна, локацијата е можно жариште на нови пожари, но и еколошка катастрофа и депонија среде Центар. Таму согласно законските прописи, самите сопственици на објектите треба да си го исчистат отпадот, по налог на општината и останатите надлежни институции“, изјави Герасимовски.
Општина Центар, согласно Законот за управување со отпад на приватен имот и во координација со надлежните институции, ќе им наложи на сопствениците во даден рок да го отстранат отпадот. Доколку во дадениот рок објектите не се отстранат, Општина Центар ќе испрати допис до ЈП „Комунална хигиена“ за да ја преземе обврската за отстранување на разрушените бараки од фабриката. При што сметката за тоа ќе биде на товар на сопствениците.
На „Штабот за заштита и спасување“ кој го свика градоначалникот Герасимовски присуствуваа претставници од МВР, ЦУК, ДЗС и инспектори при Државниот инспекторат за животна средина, додека немаше претставник од Противпожарната служба, иако беа уредно поканети од страна на општината.
За крај, Герасимовски повторно се заблагодари за брзата реакција на припадниците на полицијата и Противпожарната бригада, Црвениот крст и сите кои во четвртокот помагаа за брзо и ефикасно локализирање и гаснење на пожарот.