Aмбасадорот на Република Италија, Н.Е. Андреа Силвестри даде поддршка на проектот „И отпадот има вредност!“ и се вклучи во процесот на рециклирање со цел преку сопствен пример да ги мотивира граѓаните активно да учествуваат во зачувување на животната средина.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и в.д. директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски на денешната средба со амбасадорот Н.Е. Андреа Силвестри му доделија Green Pay картичка со која ќе може да учествува во правилното справување со отпадот преку рециклирање на пластични шишиња и лименки.
„На наше големо задоволство во овој проект се вклучуваат влијателни личности како Н.Е. Андреа Силвестри кои со своето влијание ќе помогнат во колективно создавање навики кои за сите нас ќе обезбедат поквалитетен живот. Сакам јавно да му се заблагодарам за неговата поддршка и се надевам дека заедно ќе успееме да го направиме Центар поубаво место за живеење.“ – изјави в.д. директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски, на средбата со амбасадорот.
Општина Центар преку проектот „И отпадот има вредност!“ е првата општина во регионот која повеќе од една година на уникатен начин ја развива еколошката свест на граѓаните и им овозможува активно да се вклучат во создавање на поздрава и поубава животна средина за сите.
„Правилното рециклирање е од особена важност за зачувување на животната средина и затоа е важно граѓаните да стекнат навика за правилна селекција на отпадот. Ние во Општина Центар ја подигнуваме јавната свест за ова прашање селектирајќи отпад во машините за рециклирање кои ги постави ЈП ПОЦ на неколку локации низ Центар. Дополнително преку селекцијата на отпадот граѓаните добиваат и Green Pay картичка која носи бројни бенефиции од компаниите и помалите фирми во зелената мрежа.“ – изјави Герасимовски.
До денес, во рамките на проектот, рециклирани се повеќе од 468.000 ПЕТ пластични шишиња и лименки, издадени се над 3500 Green Pay картички, исплатени се над 468.000 денари субвенции од Општина Центар за сите граѓани кои се вклучиле во процесот на рециклирање.