Активности|

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во денешното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ 21, одговарајќи на прашања од водителот во врска со причините за пожарот кај поранешната фабрика „Треска“, одговори дека се работи за човечки фактор и дека општината имала информации месеци наназад за тој дел за кражби кабли, старо железо и дека не верува дека е подметнат намерно.

„Неколку месеци, во соработка и комуникација со одредени институции, чекавме да заврши целиот увид на терен, чекавме зелено светло од сите институции за да им дадеме насока на сопствениците да си го расчистуваат просторот“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски додаде дека за тој дел имале многу состаноци, неколку пати излегле на терен со Државниот инспекторат за животна средина и им дале насоки на сопствениците како да го чистат просторот.

„Моето залагање е да што подобро го урбанизираме самиот простор, но не треба да занемариме и да имаме предвид дека таму имаме важечки ДУП. Доколу не постапуваме по тој ДУП е кршење на закон. Мојата борба е што подобро да го урбанизираме тој простор. Се бориме за интересот на јавното добро и интересот на граѓаните“, додаде Герасимовски.

За просторот кај „Треска“ има важечки ДУП, кој има околу 40-тина градежни парцели, има претходни идејни решенија како да се урбанизира просторот и таму е предвидена изградба на станбени згради.

„Нашата цел е преку регулационен план да го одвоиме тој дел од ДУП-овите Буњаковец 1 и 2, каде се наоѓа и парцелата за ‘Треска’. Ги повикав и ги повикувам институциите од кои што зависиме, за подобро и побрзо носење на самиот план, вклучувајќи го и Град Скопје, каде денеска имаме и состанок за што побрзо да се донесе подобар план“, изјави Герасимовски.

Герасимовски ги повика градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, Министерството за транспорт и врски, но и другите институции, да излезат во пресрет што побрзо и да се донесе што е можно подобар ДУП.

„Целта ми е, а верувам дека и другите ќе се согласат, дека треба сите заедно да се заложиме за што подобро да го урбанизираме просторот. За да имаме успех, треба сите заедно да дадеме сѐ од себе и да направиме напор што побрзо ја направиме таа регулација“, заклучува Герасимовски во гостувањето на Клик Плус.

Насоките на планерите и урбанистите се да се ослободи што е можно повеќе јавен простор за повеќе сообраќајници, подобри решенија за подземно паркирање во целиот комплекс, ослободување простор за пешачки и велосипедски патеки.

Comments are closed.

Close Search Window