Први септември, почетокот на учебната година е секогаш посебен момент, особено за првачињата, кои прв пат се сретнуваат со образовниот процес и ги прават првите чекори во образовниот систем.
По тој повод градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, родителите и наставниот кадар го одбележаа почетокот на новата учебна година во најстарото основно училиште во државата, основано во 1836-та година, „Свети Кирил и Методиј“.
„Денеска започнува новата учебна година и на овој ден навистина е прекрасно да се биде меѓу вас. Да се почувствува оваа енергија, да се видат овие насмеани лица меѓу учениците кои не се виделе целото лето но и најдрагите, првачиња. Ова е нов почеток во најважниот испис во животот. Стекнувањето нови знаења носи вредности вредни за вас и вашите идни успеси во животот но и вредности важни за државата“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Општина Центар секогаш се грижи условите да бидат на највисоко можно ниво и нашите деца да го добиваат најдоброто образование што можеме да им го обезбедиме. Училиштата ги завршија сите подготовки пред почетокот на учебната година, училниците и дворовите се чисти и подготвени се да ги примат учениците.
„Нашата висока писменост е особено важна, затоа ми е мило што со нас овде е и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој ви дава поддршка и мотив преку учење и дисциплина да станете успешни млади и амбициозни луѓе. Сакам да се заблагодарам и на директорката Соња Кирковска која заедно со наставниот кадар, својата организираност и водење на ова основно училиште успева да изгради успешни генерации и признати студенти. “, додаде Герасимовски.
За успешен почеток на учебната година, Општина Центар им подели и ранци на сите првачиња во училиштата, донација од „Макпетрол“, а од „Халкбанк АД Скопје“ првачињата добија комплети со училишен прибор и илустриран бонтон за деца.
„’Макпетрол’ во 2022 одбележува 75 години од основањето, период во којшто голем дел од своите ресурси, време и енергија посветува на доедукација и професионално усовршување на вработените. Компанијата е постојано меѓу најпосакуваните работодавачи во земјата, а една од главните причини за тоа е што им овозможува личен и кариерен развој на членовите на својот тим. Со ова се потврдува вредноста што ја придаваме на образованието и со тоа на ум, ја реализираме оваа донација на ранци кои, се надеваме, ќе им помогнат на учениците во совладувањето на училишните предизвици“, истакнуваат од компанијата.
„Макпетрол“ и „Халкбанк АД Скопје“ се општествено одговорни компании кои се добар пример за следење и од страна на останатите компании и правни лица.
„Децата и нивното (не)формално образование, инклузијата и екологијата се столбови на нашата политика за општествена одговорност и особено сме среќни што и овојпат нашиот Халки им посака „среќен почеток“ на првачињата. Едукацијата за добро однесување на училиште преку илустриран бонтон ќе им помогне на првачињата полесно да се прилагодат на новата средина, која отсега за нив ќе биде втор дом. Втора година по ред го поддржуваме проектот „Среќно прваче“, бидејќи веруваме дека децата и нивниот правилен развој се клучни за иднината на заедницата во која сите живееме“, вели г-дин Билал Суџубаши, Главен извршен директор во Халкбанк АД Скопје.
На крајот, градоначалникот Герасимовски се заблагодари на присутните и на првачињата им посака среќна нова учебна година, исполнета со успеси и одлични резултати.