Врз основа на член 50 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 05/02), а во врска со Програмата за спорт и рекреација на Општина Центар-Скопје за 2022 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр. 21/21), Градоначалникот на Општина Центар-Скопје објавува
ОГЛАС
за доделување спортски стипендии на талентирани спортисти од
општинските основни училишта на подрачјето на Општина Центар во
учебната 2022/2023 година
За учебната 2022/2023 година Општина Центар-Скопје ќе додели стипендии за талентирани ученици од VI до IX одделение во сите спортски дисциплини и од I до IX одделение во спортската дисциплина шах од општинските основни училишта на подрачјето на Општина Центар-Скопје.
- Услови за доделување стипендија
Учесниците во огласот треба да ги исполнуваат следниве услови:
– да се жители на Општина Центар
– спортистите да се редовни ученици од VI до IX одделение, освен учениците што се натпреваруваа во шах од I до IX одделение, во општинските основни училишта на подрачјето на Општина Центар.
- Критериуми за доделување стипендија
Потребно е спортистот да има постигнување на точни (индивидуални) спортски резултати, добиени и потврдени од националните спортски федерации за период од 1.9.2020 година до 1.9.2022 година и да се во согласност со календарот за натпревари на матичните национални и меѓународни федерации:
– Освоено индивидуално прво место (1 бод) на државно првенство;
– Балканско првенство прво место (2 бода), второ место (1 бод) и трето место (половина бод);
– Европско првенство прво место (3 бода), второ место (2 бода) и трето место (1 бод);
– Меѓународно првенство прво место (4 бода), второ место (3 бода) и трето место (2 бода).
Учениците што во Лига-спорт 2021/2022 беа прогласени за најдобри играчи и стрелци веќе се стипендисти.
Останатите успеси и резултати што не се во согласност со календарот на натпревари од националните и од меѓународните спортски федерации нема да се земат предвид.
III. Потребни документи
Со барањето учениците-спортисти треба да достават:
– Потврда од училиштето дека спортистот е редовен ученик од VI до IX одделение во сите спортски дисциплини и од I до IX одделение во спортската дисциплина шах од општинските основни училишта на подрачјето на Општина Центар;
– Биографија на спортистот;
– Важечки документ (потврда) издадена од националната федерација за спортските успеси и резултати во периодот од 1.9.2020 година до 1.9.2022 година.
Доказите за освоени места за пласман да се достават во копии.
- Висина на стипендијата и рангирање
Стипендијата изнесува 2.500 денари, 3.000 денари и 3.500 денари месечно за осум месеци во текот на учебната 2022/2023 година:
– За освоени три бода стипендијата изнесува 2.500 денари месечно;
– За освоени од четири до дваесет бода стипендијата изнесува 3.000 денари месечно;
– За освоени над дваесет бода стипендијата изнесува 3.500 денари.
Кандидатот има право да поднесе апликација доколку претходно нема добиено стипендија од други институции.
- Начин на пријавување
Документите треба да се доставуваат до Архивата на Општина Центар-Скопје или по пошта на ул. „Михаил Цоков“ бр. 1 – Скопје, со назнака „ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СПОРТСКИ СТИПЕНДИИ НА ТАЛЕНТИРАНИ СПОРТИСТИ ОД ОПШТИНСКИТЕ ОСНОВНИ УЧИЛИШТА НА ПОДРАЧЈЕТО НА ОПШТИНА ЦЕНТАР“.
- Рок за поднесување документи
Краен рок за поднесување документи е 23.9.2022 година.
Документите на кандидатите што не се комплетни и не се навреме доставени нема да се разгледуваат.
- Секој заинтересиран ученик може да поднесе документи само на еден оглас – култура, наука или спорт. Доколку поднесе во различни категории, документите нема да се разгледуваат.