Општина Центар ја прославува Детската недела која започнува денеска. Во Паркот на Франкофонија со музички изведби, детски претстави, спортски активности ќе се претстават децата од градинките и учениците од сите основни училишта во општината.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски пред децата ја истакна нивната важност како најдрагоцено богатство и иднина на секое општество.
„Секое дете и секој млад човек е важен чинител во општество. Затоа е важно на секое дете да му се даде можноста да го оствари својот сон и аспирации, да ги каже своите размилувања и делувања со цел да земе активна улога во општеството. Ние возрасните како ваши воспитувачи, наставници, родители имаме обврска да ве поттикнуваме и да ве насочуваме кон негување на вашите интереси и реализација на истите“, изјави Герасимовски во Паркот на Франкофонијата.
Герасимовски исто така зборуваше за правата на децата според Член 27 од Конвенцијата на Обединетите нации како правата на образование, здравствена грижа, слобода на изразување на своите ставови, чувства и желби, правото на државјанство, право на игра и љубов и обврските на локалните самоуправи истото да го обезбедат. Тој исто така зборуваше и за рано детектирање и спречување на сите форми на насилство меѓу кои и булингот.
„Вие исто така мора да бидете заштитени од сите форми на насилно вклучувајќи го и булингот кој е застапен од најрана возраст. Вашите воспитувачи, наставници и стручни лица во градинките и училиштата се ваши пријатели, доколку имате проблем разговарајте со нив. Проблемите мора се споделуваат за да може да се решат. Воспитувачи, наставници внимавајте на однесувањето на децата и учениците и бидете првиот детектор дека нешто се случува. Во училиштата и градинките мора да биде спречена секаква форма на насилство и на тоа постојано мора да се работи“, изјави Герсимовски.
За крај им порача на децата да уживаат во детството, играат и се дружат, спортуваат и внимаваат на животната средина.
„Слушајте ги вашите родители, баби и дедовци, бидете добри ученици. Ние секогаш ќе се радуваме на вашите успеси“, им порача Герасимовски.