На 16-тата седница на Советот на Општина Центар, покрај останатите точки, советниците ги изгласаа Измената и дополнувањето на Програмата за здравствена, социјална заштита и заштита на деца за 2022 година. Со оваа измена и дополнување ќе им се овозможи на околу 14.000 жители на општината од најранливите категории да добијат помош во финансиски средства, со цел да им се подобрат животните услови во моменталната економска криза.
„Во овој тежок период, кога сите се соочуваме со последиците од поскапувањата предизвикани од целокупната економска состојба, ние како општина повторно успеавме да им излеземе во пресрет на највозрасните. Ова можеби најмногу им го должиме на оние што нè одгледале и оние кои се најзаслужни за тоа каде сме денес“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
За новата програмска активност „Поддршка на повозрасните граѓани – пензионери во социјален ризик” од Буџетот на општината се издвоени 3.300.000,00 денари и овие средства се наменети за примателите на најниски пензии за да им се помогне во услови на зголемени животни трошоци.
По претходно доставената документација на увид, финансиските средства за оваа група граѓани ќе бидат префрлени на нивните трансакциски сметки.
Општина Центар во континуитет им дава финансиска поддршка на оние на кои им е најмногу потребна, а со оваа практика ќе продолжи и во иднина.