Градоначалникот Горан Герасимовски во утринското гостување во Сител Телевизија изјави дека пензионерите кои ќе се пријават на јавниот повик за доделување еднократна финансиска поддршка ќе ја добијат до крајот на месец декември.
Станува збор за доделување на финансиска помош во висина од 3.300.000 денари на пензионери жители на Општина Центар чии пензии се со висина не поголема од 17.518 денари.
„Во општина Центар има околу 4.000 пензионери и средствата ќе бидат исплатени во зависност од пријавените. Сите пензионери кои ќе се пријават на јавниот повик ќе добијат финансиска поддршка и никој нема да биде изоставен. Но многу често и не се јавуваат сите пензионери на јавните повици, така што во зависност од пријавената бројка сите средства коишто се планирани ќе бидат распределени. До крајот на декември истите ќе бидат и исплатени на сите оние пензионери коишто ќе се пријават на самиот повик“, изјави Герасимовски.
За добивање на оваа финансиска поддршка до Општина Центар треба да се достави, барање за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани – пензионери во социјален ризик, копија од лична карта, копија од трансакциона сметка и доказ од последна примена пензија (за месец октомври 2022 година).
Герасимовски во Сител исто така појасни и дека за аплицирање на Јавниот повик пензионерите не се обврзани лично да ги достават потребните документи туку тоа може да го направат и други членови на семејството или блиското опкружување.
Тој исто така зборуваше и за другите проекти во општината кои се наменети за пензионерите во Центар. Општина Центар овозможува „Нега на стари лица во домашни услови“ за околу 90 корисници. Во рамки на проектот пензионерите користат од физиотерапевти, негуватели, психолози и социолози кои доаѓаат во домовите на корисниците. Исто така го најави и проектот „Сервис за одмена на семејна грижа“ кој како што рече Герасимовски почнува наскоро и ќе ги опфати лицата над 60 години вклучувајќи ги и оние со Алцхајмерова болест и деменција.