Активности|

Изминатиот период Општина Центар постави нова урбана опрема, канти за отпадоци и паркинзи за велосипеди на повеќе локации во сите населби во општината.

„Старите клупи, оштетените канти за отпадоци и паркинзи за велосипеди ги заменивме со нови, изработени со материјали со висок квалитет. Досега, поставени се вкупно 37 нови клупи, 51 канта за отпадоци и 39 нови локери, односно паркинзи за велосипеди“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Покрај новата урбана опрема, општинските служби го обновија исушеното зеленило на неколку локации во околината на ТЦ „Буњаковец“, Дебар Маало, Сквер Јадран и населбата Капиштец.

Посадени се 6 јавори на улица „Партизанска“, на Сквер Јадран засадени се вкупно 23 дрва од видот јапонска цреша и 3 индиски јорговани. На улиците „Владимир Полежиновски“ и „Киро Крстевски Платник“ засадени се 15 јавори. На улицата „Радњанска“ (Боемска 2), Орце Николов и Скверот Буњаковец е обновено зеленилото и засадени се околу 200 нискостеблести и грмушести растенија, кои освен што ќе ги разубават улиците, придонесуваат и кон заштитата на животната средина и прочистувањето на воздухот.

Општина Центар и градоначалникот Герасимовски упатуваат апел до граѓаните одговорно да се однесуваат кон урбаното зеленило, новата урбана опрема, да не ја кршат и оштетуваат, затоа што урбаната опрема и зеленилото се јавно добро и ни служат на сите граѓани кои живеат или транзитираат низ општината.

Comments are closed.

Close Search Window