Во утринското гостување во Утрински брифинг градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски изјави дека во тек е исплата на еднократната парична помош за пензионерите кои се пријавија на Јавниот повик од 3.300.000 денари.
„Во услови на економска криза, зголемени сметки за струја и зголемени трошоци за пазарење во пресрет на новата година обезбедивме еднократна парична помош за пензионерите со пензии до 17.518 денари. На повикот се пријавија околу 1500 пензионери и за нив исплата во моментов е во тек. Сигурен сум дека средствата ќе им бидат од помош за поспокојно да ги поминат новогодишните празници“, изјави Герасимовски.
Во гостувањето Герасимовски зборуваше и за другите социјални проекти во општината, а во соработка со општествено одговорните компании најави и доделување на околу 3000 пакетчиња за децата во болниците, во здружението за даунов синдром во малите групни домови. Герасимовски ги спомена и капиталните проекти за следната година кои се однесуваат на најголемиот проблем во Центар, а тоа е паркирањето. За следната година ја најави изградбата на катната гаража на Народен Фронт во Капиштец за 260 возила и новата општинска зграда на чија парцела на две нивоа треба да ослободи околу 300 паркинг места. Исто така зборуваше и за основањето на претпријатието за производство и продажба на струја за кое се спроведува проценка колку би чинело оформувањето и бенефитот. Проектот предвидува поставување на фотоволтаици во јавните објекти на училиштата и градинките и јавните претпријатија како ПОЦ.