Активности|

Државата, локалните самоуправи, институциите, компаниите, сите двигатели во општеството, но и целиот свет, се наоѓаат во енергетска криза. Овој е тежок период за сите држави и секоја се справува на најдобар начин во однос на капацитетите со кои што располага.

Општина Центар беше првата општина која почна да ги спроведува препораките на Владата за заштеда на електрична енергија. Соодветното регулирање на уличното осветлување, контролата на потрошувачката на струја и разумното и одговорно трошење на средствата придонесе општината добро да го помине најтешкиот период, без некои големи проблеми со годишниот буџет.

„Општина Центар успешно се справи со трошоците за потрошувачка на струја. Но сакам да појаснам дека станува збор за повеќекратно зголемување на сметките, што на долг рок претставува финансиски проблем за локалните самоуправи. Затоа мерките препорачани и конкретните чекори преземени од Владата, како префрлањето на училиштата од индустриска на тарифа на регулиран пазар за електрична енергија беше навистина неопходно и од огромна помош“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Општина Центар има стабилен буџет и сѐ уште ги применува мерките за штедење. Со домаќинско и одговорно менаџирање Герасимовски додава дека и оваа година општината ќе биде во добро темпо со навремена исплата на сите обврски, вклучувајќи ги и трошоците за електрична енергија.

Општина Центар ќе биде првата општина која формира сопствено Јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија. На 14-тата седница, советниците едногласно ја поддржаа иницијативата за основање на општинско јавно претпријатие за производство на електрична енергија. На 16-та седница на Советот, советниците ги изгласаа планот и програмите за развој на Општина Центар за периодот од 2023-та до 2025-та година, во која е содржан и проектот за поставување на фотоволтаици на основните училишта.

„Со поставувањето на фотоволтаици, општината значително ќе заштеди на трошоците за сметки за топлинска и електрична енергија во основните училишта, а средствата ќе може да се пренаменат во други активности важни за жителите. Мојата намера е со реализацијата на овој проект да ја направиме Општина Центар првата енергетски независна општина во државата“, заклучува Герасимовски.

 

Comments are closed.

Close Search Window