Општина Центар обезбедува бесплатно орално здравје за децата во социјален ризик од сите три матични градинки „13 Ноември“, „Корчагин“ и „Кочо Рацин“ и сите објекти клонови или вкупно 11 објекти. Преку овој проект покрај поправката на запчиња децата ќе може да добијат и корисни совети за правилното четкање на забите и важноста за редовно одржување на оралното здравје. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, вели дека важноста на одржување на оралното здравје има суштинско значење во квалитетот на животот и самодовербата кај децата која ја носи здравата насмевка.
„На мое задоволство оваа година го прошируваме проектот и ги вклучуваме и децата од градинките. Здравите запчиња не значат само убава насмевка туку правилно функционирање на организмот и во целост. Одржувањето на оралното здравје треба да се практикува уште од најрана возраст и токму тоа е нашата цел, дечињата уште од мали да стекнат навики за редовно миење и правилно четкање на запчињата“, посочува Герасимовски.
Досега бесплатни прегледи на Стоматолошкиот факултет добиваа ученици од основните училишта во Центар кои доаѓаат од семејства во социјален ризик, а оваа година покрај децата од градинките бесплатни стоматолошки прегледи добиваат и сите пензионери во Општина Центар.