КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА НАЈДОБРО УРЕДЕНО УЧИЛИШТЕ
СО РЕЦИКЛИРАНИ МАТЕРИЈАЛИ
ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР-СКОПЈЕ
Општина Центар-Скопје распишува конкурс на тема „Учиме да рециклираме – заедно креираме“ за избор на најдобрo уредено училиште (катче или дел од двор) со рециклирани материјали.
I ЦЕЛ НА НАТПРЕВАРОТ
Цел на натпреварот е да се подигне свеста на учениците, родителите и наставниот кадар за важноста на животната средина. Рециклирањето претставува модел за заштита на нашето опкружување и како процес може да се претстави во креативно осмислување и уредување на училишниот внатрешен и надворешен простор, одредено катче или дел од дворот.
II ПРАВО НА УЧЕСТВО И КРИТЕРИУМИ
Право на учество на конкурсот имаат учениците од I до IX одделение, нивните родители и наставниот кадар од сите основни училишта на територијата на Општина Центар-Скопје, при што задолжително е почитување на следниве критериуми:
- На конкурсот може да се пријават само основните училишта од територијата на Општина Центар-Скопје.
- За реализирање на наведената тема задолжително е користење на предмети, украси и разни реквизити што се направени исклучително од рециклирани материјали.
- Творбите мора да бидат оригинални и претходно училиштето да не учествувало на други натпревари со нив.
III РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Писмо-пријава за учество на конкурсот и фотографии од уредениот простор треба да се достават до Архивата на Општина Центар-Скопје (барака 6) ул. „Михаил Цоков“ бр. 1 Скопје, од 9:00 до 15:00 часот, со назнака: До Сектор за јавни дејности – За награден конкурс „Учиме да рециклираме – заедно креираме“. Заинтересираните може да се пријавуваат на конкурсот од 17.2.2023 година до 17.5.2023 година.
На секоја творба ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да се наведат податоци за учесникот (училиште, одделенија, ментори).
IV ИЗБОР
Доставените пријави за конкурсот ќе ги разгледува Комисија формирана од Градоначалникот на Општина Центар-Скопје. Комисијата, составена од претставници на јавната администрација од соодветните сектори и членови на Советот на Општината, ќе изврши увид и избор на најуспешните и најкреативните катчиња во кои максимум се почитувани наведените критериуми.
V СРЕДСТВА И НАГРАДИ
Во Програмата за образование за 2023 година од Буџетот на Општина Центар-Скопје за 2023 година предвидени се финансиски средства со кои Општината ќе обезбеди материјални добра во соодветна вредност за учесниците што ќе освојат прво, второ и трето место на конкурсот.
Наградите ќе бидат доделени во мај 2023 година.
Конкурсот ќе биде објавен на веб-страницата на Општина Центар-Скопје и во општинските основни училишта.